Главниот извршен директор на АД„Водостопанство на РСМ" - Скопје, ја посети подружница Брегалница - Кочани, по повод завршувањето на сезоната за наводнување, каде имаше и свое обраќање до медиумите кое го пренесуваме во целост:

„За годинешната сезона за наводнување можам да истакнам дека е успешно завршена. Ги сумираме резултатите од терен и се повеќе од задоволителни. Наводнувањето го започнавме навремено, на 14 април, со искористување на водите од реките Брегалница и Зрновска река, а од хидросистемот од брана Калиманци водата беше пуштена по десниот магистрален канал на 29 април годинава.

Успешната сезона за наводнување се должи на навремената подготовка на хидросистемите, рачното и машинско чистење на вади и канали, крпење на одводните канали, чистење на решетки од одводните канали, вадење, ископување и местење на цевки за наводнување, санација на искршени каналетки и уште многу други навремено завршени теренски активности од страна на вработените во подружницата.

Посветените работници, вработени во подружница Брегалница - Кочани исчистија вкупно 226.925 метри каналска мрежа, а јас како Директор сакам лично, од мое име да им се заблагодарам што и покрај тешкотиите со кои се соочи АД Водостопанство за време на летниот период, тие не ги оставија земјоделците и свесни за важноста на наводнувањето во процесот на производство , непречено овозможуваа водоснабдување до крајните корисници.

Сезоната за наводнување заврши на 15.09.2022 година и при тоа до сега се евидентирани преку 4020 хектари наводнувани површини од кои 80% се оризови површини, а останатите 20% се други култури. Евидентирањето на површините продолжувва и очекувам таа бројка да се зголеми, рече Главниот извршен директор Локман Љимани.