Picture1

АД „Водостопанство на РСМ“ – Скопје, Подружница Брегалница-Кочани, заедно со еколошкото друштво „Здравец“ од Македонска Каменица во наредниот период ќе реализираат партнерски проект за чистење на акумулацијата Калиманци од пластичен и тврд отпад.
На работен состанок кој се одржа на 21 септември во просториите на општина Македонска Каменица, а на кој покрај градоначалниците од Македонска Каменица, Берово и Пехчево, присуствуваа и претставници од граѓанскиот сектор и од стопански субјекти, беше формиран Координативен одбор за спроведување на активностите. 

 

Picture2

-Наша цел е да најдеме трајно решение против загадувањето со пластичен и тврд отпад на езерото Калиманци, кое е едно од најголемите во источниот регион, а што главно го донесуваат двете најголеми реки, Брегалничца и Каменичка Река. Досега работевме на подигање на јавната свест кај граѓаните да не ги загадуваат речните корита, но резултатите се минимални. Имавме и четири акции за чистење на околината на вештачкото езеро, при што само во една од нив собравме над десет илјади парчиња пластични шишиња и амбалажа, како и друг отпад. Неопходно е да се најде долгорочно решение за проблемот што има еколошки и естетски последици, но има влијание и во функционалноста на хидросистемот, истакна Миран Митревски, претседател на еколошкото друштво „Здравец“. 

Picture3

Подружница Брегалница-Кочани која стопанисува со акумулацијата Калимаци дава целосна поддршка за активностите на екологистите да се реализираат заедничките цели за одржливост на животната средина и за нормално функционирање на системот за наводнување на земјоделските површини во регионот.
-Пластичниот и друг тврд отпад во водите на езерото се реален проблем со кој нашите вработени се соочуваат со години наназад, особено што големи количини се собираат кај преградниот ѕид на браната и ја загрозуваат безбедноста, но и функционирањето на хидроелектраната. Заедно со граѓанските активисти, со четирите локални самоуправи од пијанечко-малешевскиот крај, како и со стопанските субјекти и други институции ќе работиме на проект што треба да даде ефикасно решение против загадувањето , истакна Благојчо Богатинов, раководител на Подружница Брегалница – Кочани. 

Picture4

Претставници на локални стопански субјекти дадоа поддршка на иницијативата и изразија подготвеност да обезбедат материјална, финансиска и друг вид помош, при што побараа да се изготви соодветен акциски план што ќе ги вклучи очекуваните трошоци , начинот на справување со собраниот отпад и роковите за реализација на активностите.
На состанокот на Координативниот одбор беше најавено дека во план е наскоро да се организира помасовна акција за собирање на пластичен отпад од браната Калиманци, што ќе претставува промоција на проектот што ќе се реализира на долг рок.